fbpx

МОЈАТА КРОСФИТ ПРИКАЗНА – Димитар Ивановски

From the Blog

МОЈАТА КРОСФИТ ПРИКАЗНА – Димитар Ивановски

Мојата КросФит приказна најверојатно започна во април 2004 година. Го скршив десниот глужд и со тоа започнав да се движам помалку и избегнував секакви спортски активности. Резултатот беше: близу 100 килограми, покачен крвен притисок, замастен џигер и дискус хернија. Поради покачениот крвен притисок добивав вртоглавици, а дискус хернијата предизвикуваше различни симптоми кои на почетокот не ги поврзував со проблем во кичмата. Се започна со болка во десното стапало и атрофија на десната нога. Со тек на време почнав и да кривам со десната нога.

Сумирано, во средината на моите дваесети години јас одев на кардиолог, на ортопед, правев најразлични испитувања и физикални терапии и имав фиока полна со рецепти за терапии за висок крвен притисок и дискус хернија. Слика нема, ќе треба да ми верувате.

Повеќе од 10 години без било каков тренинг (баскет еднаш во неделата не претставува тренинг) се соочив со фактот дека за да го подобрам квалитетот на животот морам за започнам било каква редовна физичка активност. Го сретнав Ненад Милошевиќ, мој другар од средно училиште, кој ми кажа дека е тренер во КросФит Скопје. Тогаш првпат слушнав за КросФит и не знаев што е тоа. Ненад ми објасни дека тоа е тренинг методологија кој комбинира вежби за сила и кондиција, ми даде телефонски број на Зоран Иванов, човек што го донесе на КросФит во Македонија, и ми кажа да се јавам за да го закажам мојот прв тренинг.

Многу убаво се сеќавам на првиот ден кога влегов во тогашната сала на КросФит Скопје која беше веднаш до Домот за слепи лица во Кисела Вода. Прво нешто што ми остави впечаток беше натписот на влезот <strong>„Оставете го егото надвор“</strong>.&nbsp; Подоцна научив дека ова е еден од основните постулати на КросФитот, кој и после шест години се уште не знам да го применувам. Второто нешто што ми остави впечаток беше тоа што во салата немаше огледала. Согласно КросФит филозофијата физичкиот изглед не е на прво место. Тоа е дополнителна вредност која ја добивате секако. Вистинското мерило се резултатите на тест (бенчмарк) вежбите. Колку сте брзи, колку сте силни, дали знаете да го контролирате вашето тело додека се движите.

Како изгледаше мојот прв тренинг? Можев да направам седум склекови и нула згибови. Зоран ми кажа да пробам да направам згиб. Јас се фатив за вратилото и висев. Ми повтори: „ајде пробај, влечи најјако што можеш!“. Јас висев и не можев да мрднам ниту еден сантиметар. Тоа беше денот кога излегов од комфорната зона и влегов во светот на креда, пот и „крвави дланки“. Престанав да мислам на физичкиот изглед и се фокусирав на зголемување на физичкиот капацитет: сила, експлозивност, физичка и ментална издржливост.

Убавата работа во КросФитот е што секое движење е прилагодливо за секого, без разлика на вашата физичка подготовка. Во КросФит Скопје тренерите работат посебно со секој член и го прилагодуваат секој тренинг кон вашите потреби. Па така, згибови правев со помош на ластик, движењата од олимписко кревање на тегови со пластична цевка. Во првите неколку месеци загревањето кое обично вклучуваше 30 склекови, 30 чучнувања и 30 стомачни ми беше предизвик.

Шест години подоцна… Запознав навистина прекрасни луѓе. Страдањето за време на тренинг заедно со други луѓе создава силна врска. Дополнително, сите се охрабруваат меѓу себе. Страдаме заедно, меѓусебно се бодриме и гледаме да се подобриме.

Научив колку многу може да издржи телото, кој е мојот вистински потенцијал. Во поглед на физичка подготвеност, никогаш не помислив дека ќе можам да истрчам пет километри за време пократко од 20 минути, дека со самодоверба ќе инкорпорирам гимнастика и олимписко кревање тегови во секојдневните тренинзи. Почнав да планинарам и поради тоа што кросфит ве подготвува за се, можам да одам доста предизвикувачки тури без посебни подготовки. На 34 годишна возраст сум во најдобра физичка кондиција во животот и се уште се подобрувам.

Оние здравствени проблеми кои ги наведов на почетокот за мене се минато. Крвниот притисок ми е нормален веќе неколку години, процентот на масти го симнав под 15%, а дискус хернијата се поретко ми создава тегоби. Дури и кога имам болки, тоа е подносливо и не ме спречува во секојдневните активности и вежбањето.

За крај, вежбањето КросФит е забавно. Без разлика која програма ја следите, вежбите секогаш се различни и нема монотонија. Го нема она понеделник е за гради, вторник нозе и грб… Сепак треба да одберете клуб каде работат професионални тренери кои знаат како да ја спроведат програмата.

Скопје, февруари 2021.

Димитар Ивановски

Loading...