fbpx

МОЈАТА КРОСФИТ ПРИКАЗНА

From the Blog

МОЈАТА КРОСФИТ ПРИКАЗНА

Современото живеење, брзиот начин на живот, неправилната исхрана, отсуството на физичката активност се главните фактори кои водат до голем број нарушувања во човечкиот организам. Се поголем е бројот на луѓето кои имаат сериозни проблеми и болки во кичмата. Р’бетниот столб се состои од меѓупршленски меки и еластични, дискови кои имаат улога на амортизери, перничиња кои понекогаш знаат да попуштат под дејство на различни фактори. Најновите истражувања покажуваат дека кај 30% од популацијата, веќе од триесетгодишна возраст се јавуваат промени на меѓупршленските дискуси. Дискус хернијата е чест здравствен проблем кој се јавува во долниот дел на грбот (кичмата). Едно невнимателно движење, наведнување, може да доведе до изместување на дискусот од неговото лежиште и да предизвика силна болка.

2013

 

2013

Токму оваа патологија која е присутна кај голем дел од популацијата, е проблем со кој јас се справувам повеќе од 10 години. Тоа е мојата приказна, мојата вистина. И честопати кога ги слушаме животните приказни на луѓето кои успеале да победат одредена болест, кога успеале да надминат некоја тешка состојба, да се изборат со невозможното, прашуваме: дали е вистина, дали е возможно? Одговорот е Да, бидејќи чудата се случуваа, но само кога веруваме во себе. Затоа мојата приказна ќе ја започнам со зборовите на еден голем спортист кој рекол:

Impossible is not a fact, it’s an opinion. Everything is possible for the one who believes

Muhammad Ali
2021

 

2021

Се започна пред десетина години, неочекувано, ненадејно. Сакајќи да кренам еден обичен сад со вода почуствував остра болка во пределот на половината и останав во свиткана позиција. Невоможно беше да се исправам, ниту да зачекорам, болката беше толку силна што предизвика грч на моето лице. Помислив дека е нешто минливо, моментално и не одбартив внимание. По извесен период се повтори истата ситуација, но овој пат беше потребно подолго време да ми се смири и повлече болката. Започна едно поглавје во мојот живот кога се се смени. Бев со постојани и силни болки, вкочанувања поради кои и по две до три недели останував врзана за кревет. Ми беше потребна помош да станам за да ги извршам основните физиолошки потреби. Поради сериозноста на ситуацијата и јачината на болката ги направив сите потребни медицински прегледи и испитувања. Секоја наредна епизода беше се подраматична и пропратена со силна и остра болка во долниот дел на грбот, која се ширеше преку глутеалната регија по ногата па сè до прстите. Се воспостави познатата дијагноза која погоре ја опишав, Discus hernia, Discopathia lumbalis, Lumboischialgia lateralis dextri. Започна вистинска голгота, која буквално прави да се чуствувате како инвалидно лице. Бев зависна од туѓа помош во секоја смисла на зборот, при станување, при легнување, наведнувањето не беше замисливо, не бев способна ниту сама да се облекувам. Според инструкциите и советите на лекарите, во една таква акутната фаза потребно беше да лежам на грб. Спиев на грб точно 2 години, бидејќи секој обид да се свртам на страна беше невозможен, болката беше неподнослива и едноставно таа го диктираше начинот на кој функционирав. Откако ќе се смиреа болките со примање на соодветна терапија, се препорачуваше примена на физикална терапија со цел јакнење на паравертебралната мускулатура. Со текот на времето ефектот на медикаментозните и физикални терапи беше се помал и циклусите на мојата вкочанетост беа се почести. Во моментите на безизлезност бев решена да направам нешто што комплетно ќе го промени мојот начин на живот. Бев спремна да си помогнам себеси.

Тоа и се случи. Во 2013 година почнав со КросФит под менторство на Зоран Иванов. Еден голем човек, визионер, оптимист, човек со напредни идеи, човек кој секогаш бил 5 чекори пред времето, пред сите, воведува една нова дотогаш непозната спортска дисциплина кај нас CrossFit. Човекот кој учел од првите CrossFit тренери ми ја објасни суштината и вистинската причина за вежбањето:

Секој од нас треба да вежба за да може своето тело да го стави во функција на секојдневниот живот, а убавиот физички изглед е само придобивка

Зоран Иванов

Така започна се. Не велам дека беше лесно, дека беше едноставно и брзо. Напротив, требаше време, истрајност и упорност, впрочем како и за секоја работа во животот. Станав дел од семејството на КросФит Скопје. КросФит Скопје не претставува само обична спортска сала, каде доаѓаш, вежбаш и си одиш. CrossFit-ot е многу повеќе, тоа е филозофија, начин на живот кој се карактеризира со безбедно и ефикасно вежбање и совети за здрав начин на исхрана. Се користи за постигнување на многу цели, за подобрување на здравјето, подобрување на квалитетот на живот, губење на телесна тежината и за подобрување на сопствените перформанси. Тоа е програма за секого, за луѓе кои штотуку започнуваат и луѓе кои тренирале со години. Тренинзите се прилагодени за секоја личност и не постои ограничување во возраста.

Упорноста, истрајноста, поставената цел да бидам здрава личност, денес се моја реалност. CrossFit-ot е мојот животен стил, моето секојдневие. Тоа е причината поради која повторно се чуствувам витална, здрава и успешна. Денес можам да се пофалам со многу нешта. Личноста која со придружба се движеше, стануваше, легнуваше и која секојдневно живееше со болка, во 2018 година го постигна својот најголем личен успех. Направив мртви подигнувања со 100 килограми.

Докажав дека не постојат граници и ограничувања, покажав дека годините се само бројка, докажав дека невозможното не е факт, тоа е мислење. Сè е можно за оној кој верува!

Запомнете, CrossFit е лек, а лекот е ист за сите, само дозата е различна.

(Текстот е напишан од Габриела Топузовска, ние го пренесуваме во целост)

Loading...